ТРИ БАКНЕЖИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:76:""Неќуједан,неќудва,трипољупцахоќуја!"

    1. Денеска е 8 септември 2001 година. Македонија ја слави десетгодишнината од својата независност, во првата година од Ѕинговата ера. Вчера на државната телевизија го гледав интервјуто на директорот Горан Иванов со претседателот на државата Љубисав Иванов. Се сетив на момчето во црвена маичка и црвени фармерки како во тешките времиња во 1996 година, тогаш како директор на телевизијата “Сител”, физички се пресметуваше со екипата на антидржавната  телевизија “А1” на стадионот на “Силекс” во Кратово. Уште тогаш знаев дека од ова момче во црвено ќе биде нешто. Не затоа што му е син на големиот Ѕинго. Едноставно, неговата воинственост, подготвеност за брза акција и непоколеб­ливост беа својствени на човек што е предодреден во 21 век да стане генерален директор на  МРТВ.
    Денеска, по повод десетгодишниот јубилеј, Собранието го донесе новиот Устав на Република Македонија. Во преамбулата е наведена заслугата на другарот Љубисав Иванов што ни е вака убаво, како што ни е. Повторно е вратен вербал­ниот деликт, за  да се стави крај на она време кога секој можеше да зборува што сака и каде што сака против личноста и делото на Другарот.
    Во главниот град Кратово, на стадионот на шампионот “Силекс”, вечерва ќе се одржи младински слет по повод празникот. Во почесната ложа најпочесно место ќе заземе претседателот на СР Југославија, Слободан Милошевиќ.
    Утре на воениот аеродром близу Кратово ќе се одржи грандиозен аеромитинг, на којшто ќе летаат авиони, хеликоптери и едрилици од најсовремено руско производство. На граничниот премин “Табановци” претседателот Иванов, со голем камен од неговите рудници, ќе ја скрши граничната рампа и на тој начин официјално ќе профункционира бесцаринската зона меѓу Македонија и СРЈ. Веднаш потоа, во Поштата ќе биде промовирана новата серија поштански марки. На едната марка е претставен ликот на Љубисав Иванов – денес, како доживотен претседател на државата. На другата марка Љубисав Иванов игра фудбал пред половина век, како стандарден првотимец на КСК (“Куманово”). Највредната марка го претставува малиот, но напреден Ѕинго на една кратовска полјана, како тркала топка од партали како стандарден првотимец на ФК “Славко Баев”.
    Утревечер централната прослава ќе се одржи во Домот на културата во Кратово, со свечена академија по повод јубилејот, на којашто ќе говори другарот Љубисав Иванов.

    2. Го читав писмото на претседателот на Социјалистичката партија и дирек­тор на “Силекс” Љубисав Иванов во вчерашна “Нова Македонија” до колегата Зоран Петров, со наслов “Сталинистичка пропаганда и хајка”. Го прочитав делот каде што Иванов вели: “Моите ставови, моето однесување, моите резултати од работата се јасни, чисти, видливи, признати и ефектуирани”. Кога стигнав до поднасловот “Зошто ја обманувате јавноста”, сум заспал…

    3. Се разбудив точно навреме за да видам како на телевизијата се гушкаат и се бакнуваат премиерите на Македонија и СР Југославија, Бранко Црвенковски и Радое Контиќ. По нив се избакнуваа и министрите и директорите на царинските управи и старите пријатели од бившиот секретаријат за надворешни работи и стопанствениците. Општа љубов.
    Црвенковски на Контиќ му рече: “Еден бакнеж, желби рој”.  Ама Контиќ одговара: “Неќу један, неќу два, три пољупца оќу ја!” И така си се избакнаа “по православски”. Првиот бакнеж како потврда на македонската политика на еквидистанца кон соседите. Вториот како надеж дека меѓусебната граница кога-тогаш ќе се исцрта. И третиот, како верување дека брзо ќе биде решено прашањето на сукцесијата и наследството на бившата СФРЈ.

    4. Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Борко Ста­но­ев­­ски, претставувајќи ги новите банкноти, нé потсети дека валутата ни е стабилна веќе три години. Не знам што би рекол гувернерот кога би морал, враќајќи се во државата со стабилен денар, на граница, заради дезинфекција пора­ди шапот и лигавката, да плати 5 германски марки. Притоа и на белешката што ќе ја добие од Републичката ветеринарна управа стои напишано “5 ДМ”. Како би реагирал гувернерот кога би сфатил дека една државна институција не го почитува сопстве­ниот денар и настрана што незаконски собира “турис­тички прилив”, го крши законот кој вели дека единствено платежно средство во државата е денарот.
    Минатата недела на прес-конференцијата на премиерот Црвенковски и босанскиот премиер Хасан Муратовиќ, среде Скопје, во седиштето на Владата, откако четири македонски новинари поставија прашања на српски јазик, колешката од “А1” Биљана Секуловска “наивно” праша: “Може ли јас на маке­донски”? Слично на тоа гувернерот Станоевски, при влезот во сопствената држа­ва, на границата би ги прашал ветеринарите: “Може ли да платам во денари”?

    5. А сега една протоколарна вест, т.е. соопштението од Министерството за образование и физичка култура.
    “Денеска, на 2. 09. 1996 година, министерот д-р Софија Тодорова прими прет­став­ници на ученици од првите одделенија од основните училишта. На средбата, која мина во пријатна атмосфера…”

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира