Владата на денешната седница изгласала неколку кадровски смени во јавни претпријатија, па така како прва е истакнато поставувањето на член на надзорниот одбор на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје, Ѓоко Илиевски, предложен од синдикалната организација.
Владата ќе му препорача на Собранието на акционери на Македонски телеком, АД за електронски комуникации – Скопје, да ги отповика од должноста членови на Одборот на директори: Сашо Велевски, Замир Мехмети (братот на поранешната пратеничка Ермира Мехмети), Дивна Ефтимовска, адвокатот Мирослав Вујиќ и Сашо Симјановски, сите од функцијата неизвршен член на Одборот на директори. Место нив, да ги избере: Шкодране Зенуни Дарлишта, Бардул Насуфи, поранешниот директор на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, натаму поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска, долгогодишниот министер од ДУИ во повеќе сектори Садула Дураку и Аќиф Мехдиу.
Владата заклучи да му препорача на Миле Сугарев да го разреши од должноста в.д. директор на Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, а Стево Крстевски да го именува за в.д. директор.
Владата ја отповикала Верица Узунова од должноста член на Надзорен одбор на АД за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија во државна сопственост, а за член ја избрала Слаѓана Богдановиќ.
И официјално на седницата е дадена согласност директорка на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување да биде Билјана Јовановска.
Владата ја прифатила оставката на Сеад Садиковски од должноста директор на Државен инспекторат за локална самоуправа, на негово барање, а Сенат Ахмеди да го именува за в.д. директор.
Владата ја прифатила оставката на Лидија Ѓоршевска и ја разреши од должноста директор на Државниот испитен центар, на нејзино барање.
Елизабета Наумовска ја именува за в.д. директор на Државниот испитен центар. Прифатена била и оставката на Аднан Џафероски од должноста директор на Дирекцијата за заштита и спасување, на негово барање, а Беким Максути е именуван за в.д. директор на Дирекцијата.
Владата ја прифати оставката на Агрон Буџаку и го разреши од должноста директор на Центарот за управување со кризи, на негово барање, а Стојанче Ангелов да го разреши од должноста национален координатор за воени и полициски ветерани и да го именува за в.д. директор на Центарот за управување со кризи.
Неофицијално, Буџаку чека амбасадорско место.
Фирус Мемед е разрешен од должноста заменик на директорот на Агенција за храна и ветеринарство поради истек на мандатот за кој е именуван.
Натаму, Ариф Асани е разрешен од должноста заменик на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
С. К. ДЕЛЕВСКА