Доналд Трамп прогласи голема победа на претседателските избори и на Твитер ги обвини противниците дека сакаат да му ја украдат, додека и Џо Бајден вели дека е на патот кон победата откако во САД беа затворени гласачките места.
Сојузните држави почнаа да ги објавуваат резултатите од гласањето и тие кажуваат дека Трамп котира многу подобро одошто тоа го кажуваа предизборните анкети.
Актуелниот претседател досега освои 23 сојузни држави, вклучувајќи ја и Флорида, која се смета за една од клучните за исходот на изборите, бидејќи носи дури 38 електорски гласови. Бајден, пак, досега славеше во 20 сојузни држави, од кои најголем улов му е Калифорнија, со нејзините 55 електорски гласови.
Ова засега не им е доволно и на двајцата кандидати да дојдат до 270 електорски гласови, колку што е потребно за победа (Бајден моментално има 224, а Трамп 213).
Тесна трка се води низ целата земја, при што Трамп успеа да го поврати Тексас и да победи во Охајо и Ајова, додека Бајден ги зеде Минесота и Њу Хемпшир, каде што актуелниот претседател очекуваше да победи.
„Не е готово сѐ додека не се изброи и последниот глас, секој глас е важен. Не е на мене и на Доналд Трамп да прогласиме кој победил, тоа е одлука на американскиот народ“, кратко им се обрати Бајден на своите поддржувачи.
Трамп објави дека наскоро ќе даде изјава, но претходно се огласи на Твитер:
„Имаме голема победа, но тие се обидуваат да ги украдат изборите. Никогаш нема да им го дозволиме тоа“, кажа тој.
Броењето гласови не е завршено во уште неколку клучни држави, како Пенсилванија, Џорџија, Северна Каролина и Мичиген.
Милиони луѓе излегоа да гласаат, и покрај грижите околу коронавирусот, придружувајќи се на 102 милиони Американци кои претходно го направија тоа, со што овие избори би можеле да имаат рекордна излезност.