Џо Бајден стана претседателски кандидат кој освоил најголем број гласови во историјата на САД, иако изборната трка со Доналд Трамп е далеку од решена и неколку клучни држави допрва треба да ги објават резултатите. Тој досега има собрано 69.759.833 гласови, со што го надмина рекордот на Барак Обама од 69.498.516 гласови од 2008 година. Трамп досега е на 67.160.663 освоени гласови, што е подобро од неговиот резултат од пред четири години.
Државната изборни власти денеска повикаа на трпение и соопштија дека „избирачките одбори низ целата земја вредно го бројат секое валидно избирачко ливче“.
„Додека медиумите веќе соопштија многу резултати, важно е да се запамти дека овие резултати се неофицијални и бројките и натаму ќе се менуваат се додека не бидат испитани и потврдени од изборните власти. Треба да знаете дека ова е стандард за сите избори“, соопштија во заедничка изјава државните изборни власти.
Над 100 милиони Американци гласаа уште пред 3 ноември, па се очекува овие избори да имаат најголема излезност во историјата.
Трката помеѓу Трамп и Бајден останува тесна и тензична, иако актуелниот претседател избрза утрово и прогласи победа.
Четириесет и една сојузна држава досега ги објавија конечните резултати и ниеден кандидат нема стигнато до 270 електорски гласови, колку што е потребно за победа: Бајден е на 224, а Трамп на 213.
Некои американски медиуми утрово објавија дека Бајден ја освоил и Аризона, традиционално републиканско упориште, каде што Демократите имаат победено само еднаш во изминатите 72 години. Тој е во водство и во Невада, а се очекува наскоро да прогласи победа во Висконсин.
Џорџија и Северна Каролина се израмнети, иако мала предност има Трамп, додека Бајден очекува победа и во Мичиген.
Гувернерот на Пенсилванија, Том Волф, изјави дека денеска можеби нема да ги објават резултатите.
„Има неколку милиони гласови по пошта што треба да се избројат, така што денеска можеби нема да ги знаеме резултатите. Најважно е тие да бидат точни“, кажа Волф.