Џо Бајден поведе и продолжува да ја зголемува предноста во Пенсилванија и доколку ја освои оваа сојузна држава, тоа ќе му донесе доволно електорски гласови за да стане нов претседател на САД. Пенсилванија носи 20 електорски гласови, а Бајден, според некои медиуми, сега е на 253.
Кандидатот на Демократите утрово заостануваше помалку од 20.000 гласови во однос на Доналд Трамп, но попладнево направи пресврт и според последните резултати од тамошната изборна комисија, сега е во предност од 6.817 гласови. Останува да се избројат уште 5% гласови.
„Изборите сѐ уште не се завршени. Лажните предвидувања дека Џо Бајден ќе победи се базираат на резултатите од четири држави кои се далеку од конечни. Кога изборите ќе завршат, Доналд Трамп повторно ќе биде избран“, изјави адвокатот на кампањата на Трамп, Мет Морган.
Портпаролот на кампањата на Бајден повтори дека гласачите – а не кандидатите – ќе го одлучат исходот на изборите.
„Како што рековме на 19 јули, американскиот народ ќе ги одлучи овие избори. А Владата на САД е перфектно способна да ги отстрани натрапниците во Белата куќа“, соопшти портпаролот Ендру Бејтс.
Џорџија, пак, објави дека повторно ќе ги брои гласовите. Државниот секретар Бред Рафенсбергер изјави дека разликата е премала за некој од кандидатите да се прогласи за победник.
„Останува да се избројат уште 4.169 гласови, како и 8.000 армиски гласови испратени по пошта. Моментално, разликата во Џорџија е премала за да прогласиме победник, па затоа одиме на повторно броење“, кажа тој.