На минатонеделниот состанок во Берлин организиран од германското МНР, македонските и бугарските претставници постигнале договор за надминување на најавената блокада во ЕУ. Подоцна Софија се повлекла од договорот, објави Дојче веле повикувајќи се на австрискиот новинар и дописник на националната ТВ ОРФ за Балканот Кристијан Вершуц.
На состанокот во Берлин бил усогласен Нон-пејпер со кој требало да се надмине историскиот спор меѓу Бугарија и Северна Македонија и да ѝ се отвори патот на земјата за почеток на преговори со ЕУ. Главниот компромис е направен во однос на македонскиот јазик, со тоа што на Бугарија ѝ се нуди можноста преку декларација, како анекс на Преговарачката рамка, да соопшти дека под „македонски јазик го подразбира јазикот согласно Уставот на Република Северна Македонија“. Но за остатокот од ЕУ, јазикот останува македонски.
Состанокот го организираа шефот на германската дипломатија Хајко Мас и министерот за Европа Михаел Рот, а на него присуствуваа шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева и нејзиниот заменик Петко Дојков, како и македонскиот министер за надворешни работи и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров.
По враќањето во Софија, бугарската страна се повлекла од договореното, тврди австрискиот новинар и дописник на националната ТВ ОРФ за Балканот, Кристијан Вершуц, кој го објави Нон-пејперот на својата Фејсбук страница попладнево.
Документот, кој се смета за необврзувачки, џентлменски договор меѓу двете страни во спорот се состои од девет точки во кои се адресираат актуелните спорни точки меѓу Софија и Скопје.
Во првата точка се потврдува посветеноста на Бугарија, Северна Македонија и Германија на ЕУ перспективата на Западниот Балкан и на зајакната регионална соработка.
Во втората точка, Бугарија се согласува да дозволи одржување на Меѓувладината конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ во декември 2020.
Во третата точка, Македонија се согласува да им соопшти на земјите-членки на ЕУ дека кусото државно име – Северна Македонија „се однесува единствено на политичкиот ентитет Република Северна Македонија“.
Четвртата точка ѝ го дава на Бугарија правото со унилатерална изјава како додаток на преговарачката рамка, да соопшти дека „под македонски јазик го подразбира македонскиот јазик во согласност со Уставот на Република Северна Македонија“. Германското претседателство ќе побара од Советот на ЕУ да ја земе предвид бугарската позиција. Македонија е подготвена официјално да соопшти дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година.
Во останатите точки, двете земји изјавуваат подготвеност да ги засилат билатералната соработка врз база на Договорот за пријателство, со особен фокус на работата на Мешовитата историска комисија. Германија изразила подготвеност да ја помогне работата на оваа Комисија, чија работа во иднина треба да биде засилена и потранспарентна.
Следната точка од Нон-пејперот уште еднаш го потврдува Членот 11 од Договорот за добрососедство. На тој начин, Бугарија уште еднаш добива потврда од македонска страна во однос на барањата за признавање на македонско малцинство на нејзина територија.
Понатаму, двете држави се обврзуваат да продолжат да работат на развој на Коридорот 8 како приоритет, да започнат заедничка иницијатива за млади луѓе, медиумски проекти и збратимување на градови.
Во последната точка, се изјавува загриженост поради пандемијата на коронавирусот и се акцентира потребата од блиска соседска соработка и соработка со ЕУ на ова поле.
Иако договорот бил постигнат во Берлин, веднаш по враќањето во Софија бугарската министерка за надворешни работи Захариева одржа прес-конференција на која де-факто го отфрли компромисот.
Меѓу Скопје, Софија и Берлин со денови е во тек жешка телефонска линија за надминување на спорот. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска порача дека спорот треба да се реши билатерално меѓу двете држави.
Прашањето е дали Бугарија ќе може да го прифати решението постигнато во Берлин поради несогласувања во владејачката коалиција, но и отпорот од претседателот Румен Радев и опозициските социјалисти.