Поранешниот мотел на велешки „Интернационал“, кој се наоѓа близу Градско, е продаден по пат на електронско наддавање, соопшти Општина Градско, во чија сопственост беше. Објектот е во руинирана состојба, а го купил Ермедин Тутиќ од село Водоврати, Општина Градско, за 4,17 милиони денари (над 65.000 евра).
Објектот го продаде локалната власт, на која Владата ѝ го префрли во декември 2018. Мотелот има корисна површина од 744 квадратни метри и опфаќа две згради.
Новиот сопственик планирал да го реконструира објектот, да го откупи земјиштето и да развие фамилијарен бизнис, што предвидува изградба на базен, камп и комплекс за одмор на патниците кои минуваат по автопатот Куманово-Гевгелија, во чија близина е мотелот. Некогашниот мотел повеќе од 13 години е пуст, менуваше сопственици и е во лоша состојба.
П. ПЕЧКОВ