Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово побара од Министерството за здравство да обезбеди поголем број термини за тестирање од ковид-19, за да можат матичните лекари да закажуваат повеќе бесплатни тестирања.
„Поради зголемен број на заболени лица од коронавирус како и немање на термини за тестирање, бараме од Министерство за здравство барем двојно да се зголеми бројот на термини за тестирање преку ‘Мој термин’ за Општина Куманово“, велат од Кризниот штаб.
Матичните лекари веќе подолго време се жалат дека поради ограничениот број со денови не можат да закажат термин, па пациентите се принудени да чекаат или одат во приватни лаборатории.
„Зафатени се сите термини до крајот на неделата. Во просек се чека од 5 до 7 дена ако ве фати викенд, а со тоа се губи целта на тестирањето. Пациентите ги праќаме и во соседните градови Скопје, Велес, Штип, Тетово, секаде каде што има слободно места“, вели матичен лекар од Куманово.
Тој додава дека барањето на Кризниот штаб е издржано, а ако нема простор да се зголеми бројот на дневни тестирања тогаш е неопходно да размисли за можноста за промена на протоколот за лекување и следење, и пациентите да се изолираат без тестирање за да не го разнесуваат вирусот.
Во Центарот за јавно здравје во Куманово, дневно на „Мој термин“ се тестираат 33 пациенти, а уште на толку им се прави епидемиолошка анкета. Покрај Куманово, тука се тестираат и жителите на Липково и Старо Нагоричане.
„Во овој момент сé уште нема потреба да се менува системот за закажување ‘Мој термин’ меѓутоа, спремни сме да ако дојде до тоа, практично, да се намали редовната програма во повеќе болнички установи, не само со цел да се обезбеди доволно сместувачки капацитети туку и кадарот да биде на располагање “, одговори денес на новинарско прашање за дополнителни термини министерот за здравство Венко Филипче.
С. НИКОЛИЌ