ТЕТОВЦИ ПАК СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ИМА НЕПРИЈАТЕН ВКУС И МИРИС, НАДЛЕЖНИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА Е ЦЕЛОСНО ИСПРАВНА

    ТЕТОВЦИ ПАК СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ИМА НЕПРИЈАТЕН ВКУС И МИРИС, НАДЛЕЖНИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА Е ЦЕЛОСНО ИСПРАВНАОд Центарот за јавно здравје велат дека непријатните мирис и вкус доаѓаат од вегетацијата, најмногу од лисјата што паѓаат во Пена кај Лешница (Фото: СДК.МК)

    Тетовци повторно се жалат дека водата од градскиот водовод има непријатен вкус, а некои велат дека чувствуваат и чуден мирис.

    Непријатните мирис и вкус најчесто се чувствуваат во вечерните и во раните утрински часови. Но, ова не е некоја нова појава, туку датира од 2017, кога во употреба беше пуштен новиот водовод, кој го снабдува градот со дополнителни количини вода за пиење од реката Пена. Иако граѓаните и овојпат се загрижени, од Центарот за јавно здравје смируваат и велат дека водата е бактериолошни и хемиски исправна за пиење.

    „Со оваа појава се среќаваме веќе трета година, и тоа токму во овој период од годината. Уште при првата појава во 2017 направивме испитување кога е утврдено дека непријатните мирис и вкус доаѓаат од вегетацијата, односно најмногу од лисјата што паѓаат во зафатот на водата кај месноста Лешница. Притоа доаѓа до нивно распаѓање, кое ги создава непријатните вкус и мирис. Ние секојдневно вршиме контрола на квалитетот на водата во градскиот водовод и таа, и покрај сѐ, е биолошки и хемиски сосема исправна за пиење. Сепак, деновиве го засиливме хлорирањето на водата, а од нашето досегашно ускуство, може да кажеме дека оваа појава ќе исчезне за некој ден. Ова не е случај само кај нас. Светските теорија и пракса за користење површински води велат дека е можно да дојде до појава на одредени мирис и вкус кај водата“, вели д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.

    Според него, единствен начин да се отстранат непријатните мирис и вкус на водата е таа или да се озонира или да се користи јагленов филтер. Филтер станицата за пречистување на водата, која беше изградена заедно со цевководот од реката Пена, има соодветни филтри, но треба да се вградат и вакви филтри, за граѓаните и во овој период од годината да може да пијат нормална вода.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира