Полни корпи со отпадоци и ѓубре расфрлано околу, вака викендов изгледаше пешачката патека од Претор до Крани во Преспа. Топлото време и обидот да се избегне од градските средини каде има голем број на заразени со коронавирус, ја наполнија со шетачи. Имаше посетители од Битола, Ресен, а и скопјани кои беа дојдени на викенд во околните викендички. Повеќето зад себе ги оставија отпадоците во корпите кои беа и онака полни со ѓубре од претходно, а онаму каде што немаше место, се фрлаше и на земја.
За расфрлените отпадоци изминатите денови придонесоа и некои берачи на јаболка кои сметот го оставија зад себ, иако видоа дека капацитетот на корпите е мал. Комуналните служби не го подигаат отпадот почесто, иако посетеноста на патеката расте.
Од другата страна на Преспа, членовите на „Еко герила“ поставија едукативни табли на плажите во Стење и Коњско како дел од проектот „Со еко акции до подобар туризам“ на кои пишува „Понеси ѓубре во рака, така Преспа се сака“. Активистите се надеваат дека нема никогаш повеќе да го затекнат вој дел од крајбрежјето, полно со расфрлено ѓубре како пред почетокот на нивните активности за расчистување. Во Стење беа собрани 72 вреќи, а во Коњско 98 вреќи од 120 килограми со отпад.
Ж. ЗДРАВКОВСКА