Во црквата „Свети Јован Канео“, еден од најпрепознатливите симболи на Охрид и на Македонија, со средства од МПЦ и под надзор на Завод и Музеј Охрид во тек се активности за промена на оштетениот кровен покривач и дел од опшивките од оловен лим. Се заменуваат старите и оштетени ќерамиди со нови атестирани и проверени, донесени од Грција, за да се спречи прокиснувањето во самата црква.
Последните зафати на кровната конструкција на овој споменик на културата биле направени во 1991, па со текот на времето влагата оштетила дел од ѕидовите во објектот.
„Поради оштетување се прави промена на дел од опшивките од оловен лим и кровниот покривач со идентични ќерамиди кои се поставени и на црквата ‘Св. Богородица Перивлепта’“, вели Тања Паскали од Завод и Музеј, конзерваторски надзор на зафатот.
Секретарот на Дебарско- Кичевската епархија Никола Христоски, вели дека целиот зафат би завршил за еден месец ако временските прилики го дозволат тоа.
„Побаравме од Завод и Музеј да се направи увид на црквата ‘Св. Јован Канео’ знаејќи дека ситуацијата не е добра. Дадени се инструкции како тоа треба да се поправи. Има пропуштање на вода и оштетена оловна конструкција. Обезбедени се ќерамиди во истиот стил, дел од нив преку донација. Ќе се смени и оловната конструкција за да се спречи уништувањето на внатрешниот дел од црквата. Има течење по ѕидовите, има оштетени фрески“, вели Христоски.
Според проценките од Завод и Музеј, оштетувања има и од долната страна на црквата, но кога ќе се прави зафатот ќе зависи од финансиите.
„По завршување со кровот ќе направиме проценка дали ќе се прави дренажа околу црквата оваа година или можеби наредната“, вели Христоски.
С. ВРЕНЦОВСКА