ОБВИНЕТИОТ ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ НА СУДЕЊЕ ДОЈДЕ БЕЗ АДВОКАТ, БИЛ ЗАРАЗЕН СО КОРОНАВИРУС, И САМ ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА ОБВИНИТЕЛОТ

    ОБВИНЕТИОТ ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ НА СУДЕЊЕ ДОЈДЕ БЕЗ АДВОКАТ, БИЛ ЗАРАЗЕН СО КОРОНАВИРУС, И САМ ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА ОБВИНИТЕЛОТМинатиот пат Вангеловски побара изземање на судијката Даниела Алексовска-Стојановска, но претседателот на судот Иван Џолев одговори дека нема основ да ја изземе од предметот. (Фото: К. Попов)

    Ни денеска не почна судењето против поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски, обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувањата во врска со неисплатени надоместоци на платата само на неговата претходничка, врховната судијка Лидија Неделкова.

    Вангеловски овојпат побара изземање на обвинителот, поради, како што тврди тој, нецелосно обвинение. Минатиот пат побара изземање на судијката Даниела Алексовска-Стојановска, но претседателот на судот Иван Џолев одговори дека нема основ да ја изземе од предметот.

    Вангеловски дојде сам на денешното судење, бидејќи неговиот адвокат бил позитивен на коронавирус.

    Пред да биде разрешен Вангеловски од судија, Судскиот совет две години не можеше да го најде и донесе на сослушување.

    Скопското јавно обвинителство кривично го гони Вангеловски зашто неправедно, само на неговата претходничка Лидија Неделкова ѝ ускратил додаток на платата, за период додека одела на работа, наспроти неговите тврдења.
    За ова Неделкова му поднесе кривична пријава на Вангеловски.

    „На 30.11.2018 година, во својство на претседател на Врховниот суд обвинетиот донел поединечни решенија за сите судии на Врховниот суд со кои им го утврдил додатокот на плата за месец ноември во износ од 35 % од основната плата, кој согласно законот им следува за посебни услови за работа, постоење на висок ризик и доверливост. Притоа, свесно, со намера потешко да и ги повреди правата, обвинетиот не донел Решение за исплата на додаток на плата во износ од 31.839,00 денари за оштетената – судија во Врховниот суд, која во конкретниот период не користела отсуство од работа. Обвинетиот постапил спротивно на член 7-б од Законот за платите на судиите и член 7 од Правилникот за додатоци на плата, нивната висина и начинот на утврдување за судиите во Република Македонија донесен од Судскиот совет на Република Северна Македонија, со што го сторил кривичното дело кое му се става на товар“, стои во обвинението.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира