Двајцата пациенти на 38 и 39 години кои вчера починаа од ковид-19 на Клиничката болница во Битола биле донесени во многу тешка здравствена состојба, соопштија од Министерството за здравство.
„Триесет и деветгодишниот пациент 12 дена се лекувал сам дома и имал екстремно ниска сатурација од 38 проценти. Откако бил хоспитализиран, веднаш бил ставен на кислородна терапија, а му била давана и интензивна терапија по протокол, но болеста прогресирала. Пациентот немал коморбидитети“, соопштија од Министерството.
И 38-годишниот пациент, кој имал хипергликемија, исто бил хоспитализиран во тешка состојба, со ниска сатурација од 61% и масивна бронхопневмонија. И тој бил ставен на кислородна поддршка.
Тие беа меѓу шесте лица од Битола кои вчера починаа од ковид-19. Од почетокот на пандемијата, во Битола починаа околу 90 луѓе.
Ж. ЗДРАВКОВСКА