Миша Алексиќ, басист и еден од основачите на „Рибља чорба“, почина на 67 години откако ја изгуби битката со коронавирусот. Тој неколку дена се лекуваше во болница во Белград и беше приклучен на респиратор, откако му се влошила состојбата.
По враќањето од студиите од САД, Алексиќ ја основал групата „СОС“, од која во 1978 година произлезе „Рибља чорба“, кога ѝ се приклучи пејачот Бора Ѓорѓевиќ.
Освен басист, Алексиќ беше и текстописец и продуцент на еден од најпопуларните рок бендови во поранешна Југославија, а соработуваше и со други пејачи и групи. Тој учествуваше во создавањето на сите 17 албуми на „Рибља чорба“ од 1979 до 2012 година.