Бугарија регистрираше дневен рекорд од 221 починат од ковид-19, откако вчера стана земја со најголема стапка на смртност во рамките на Европска Унија.
Од почетокот на епидемијата, коронавирусот однесе 4.035 животи во Бугарија, а во изминатите две недели таа имаше стапка од 24,1 починат на 100.000 жители, најмногу во Европската Унија.
Во ноември, Бугарија секој ден имаше речиси 4.000 нови случаи на зараза, додека бројот на хоспитализирани порасна на речиси 7.000. Ова е дополнителен притисок врз и онака ослабнатиот здравствен систем на земјата, од која секоја година заминуваат околу илјада лекари и медицински сестри, велат од Бугарската асоцијација на медицински професионалци. Околу 60% од здравствените лица во Бугарија се постари од 51 година, што ги прави ранливи на вирусот.
„Притисокот е натчовечки. Медицинскиот тим е преангажиран и преморен. Ако оздрават десет пациенти, 20 други чекаат да бидат примени“, вели Антон Луков, портпарол на „Света Ана“, една од најголемите болници во Софија.