Мик Шумахер, синот на седумкратниот светски шампион Михаел, ќе дебитира во Формула 1 следната сезона како возач за американскиот тим Хас. Оттаму потврдија дека 21-годишниот Германец потпишал повеќегодишен договор, а партнер ќе му биде Русинот Никита Мазепин.
„Можноста да возам во Формула 1 следната сезона ме прави неверојатно среќен. Немам зборови. Сакам да им изразам љубов на моите родители, на кои сѐ им должам. Отсекогаш верував дека ќе си го остварам сонот да возам во Формула 1“, изјави Мик Шумахер.
Тој ќе дебитира во Формула 1 на 30-годишнината од првата трка на татко му, што се случи на Белгиското гран при. Здравствената состојба на Михаел Шумахер, чии рекорди во меѓувреме беа надминати или израмнети од Луис Хамилтон, останува непозната и седум години по тешката слијачка несреќа, во која заработи повреди на главата. Тој оттогаш не е виден во јавност.
Младиот Шумахер ја почнал тркачката кариера на деветгодишна возраст во картинг, а оваа сезона е дел од Тркачката академија на Ферари и вози во Формула 2, каде што е лидер на две трки до крајот на сезоната.