500 ЕВРА НАГРАДА ЗА ПИРОТЕХНИЧАРИТЕ КОИ ВО БИТОЛА ИЗВАДИЈА 12.300 ГРАНАТИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

    500 ЕВРА НАГРАДА ЗА ПИРОТЕХНИЧАРИТЕ КОИ ВО БИТОЛА ИЗВАДИЈА 12.300 ГРАНАТИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНААкцијата за отстранување гранати во Битола заврши, а нивното уништување на Криволак треба да почне на 15 декември (Фото: СДК.МК)

    Еднократна парична награда од по 30.000 денари ќе добијат седумтемина пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување за нивниот посебен ангажман во пронаоѓањето и отстранувањето на илјадници гранати од Првата светска војна пронајдени во близина на Градскиот стадион во Битола. Вака одлучи Владата на предлог на премиерот Зоран Заев.

    Денеска пиротехничарите ги посети Беким Максути, новоназначениот директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Во однос на поплаките на пиротехничарите од изминатите недели дека се останати неколкумина, скоро сите над 50 години, немаат подмладок и бенефициран стаж, Максути рече дека се обидува да најде начин да им се помогне.

    „Преземаме мерки за решавање на статусот на овие луѓе, кои и тоа како се потребни и со недели работат тука во услови на пандемија за да ја отстранат опасноста. Имаме и програма за ново екипирање. Низ дописи и преговори со Министерството за одбрана, ние предлагаме војници кои надминале 45 години, а имаат такви капацитети и можат брзо да се обучат, да станат пиротехничари“, рече директорот.

    Тој додаде дека е во комуникација со амбасадите на земјите кои имале војски тука во Првата светска војна, како и со амбасадата на САД, за да не се вадат неексплодирани убиствени средства само ад хок, туку да се направи широка акција за детектирање и отстранување на сите останати бомби.

    Акцијата за отстранување гранати во Битола заврши. Се извадија 12.300 париња или 110 тони.

    „Количините се огромни и ни треба соработка со други институции, со АРМ и МВР, за транспорт и за уништување. Очекуваме дека по 15 декември на Криволак ќе почне процесот на уништување“, додаде Максути.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира