Доизградбата на автопатот Кичево-Охрид е приоритет на Министерството за транспотр и врски и на Општина Охрид. Се работи интензивно на трасата која ги проби сите најавени рокови, а беа одобрени и дополнителни средства за конечна изградба.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска од Охрид најави готови 20 километри од автопатот до крајот на следната година, за остатокот ќе се чека на утврдување на динамичкиот план по што ќе се знае кога конечно ќе завршат градежните активности.
„На трасата моментално работат над 800 работници и над 450 градежни машини. Временските услови досега добро нè служеа, во зимскиот период можеби ќе се намали обемот на работа. Во овие 6 месеци од годината имаме за 6 пати поголем обем на работа на автопатот“, рече Бочварски.
Новите проекти, рече министерот, носат и нови постапки за регулирање на имотно-правните односи и експропријација. Со новото проектирање се зафатени ископи на земја од 12 милиони метри кубни, а тоа се градежни зафати кои бараат реално време.
Во овој момент, автопатот Охрид-Кичево чини 598 милиони евра. За 185 милиони евра беше склучен анекс од првичниот договор.
С. ВРЕНЦОВСКА