СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НАПРАВИ ДОВОЛНО РЕФОРМИ ЗА ДА ГИ ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, СПОРОТ СО БУГАРИЈА ДА СЕ РЕШАВА НАДВОР ОД ПРИСТАПНИОТ ПРОЦЕС, ВЕЛИ МЕТЈУ ПАЛМЕР ОД СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ

    СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НАПРАВИ ДОВОЛНО РЕФОРМИ ЗА ДА ГИ ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, СПОРОТ СО БУГАРИЈА ДА СЕ РЕШАВА НАДВОР ОД ПРИСТАПНИОТ ПРОЦЕС, ВЕЛИ МЕТЈУ ПАЛМЕР ОД СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТЗаменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во Скопје на 29 октомври 2019. (Фото: СДК.МК)

    Северна Македонија има направено доволно реформи за да се квалификува за првата Меѓувладина конференција со ЕУ, а билатералниот спор со Бугарија треба да се решава надвор од пристапниот процес, изјави заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер за „Гласот на Америка“.

    „Северна Македонија има направено доволно за да се квалификува за Меѓувладината конференција, и мислам дека мнозинството членки на ЕУ се јасни во тоа. Ќе продолжиме да работиме со нашите европски партнери да се исполни тоа. Ќе направиме се`што можеме да го подготвиме теренот, и ќе продолжиме јавно да ја демонстрираме нашата силна поддршка за придвижување на Северна Македонија кон членството во ЕУ“, рече Палмер.

    Прашан дали барањата на Бугарија ги одразуваат европските вредности и дали САД го осудуваат таквото однесување, Палмер одговори дека има одредени важни прашања кои се однесуваат на историјата, идентитетот и јазикот, кои треба да бидат решени меѓу Бугарија и Северна Македонија како соседи, сојузници и партнери, но дека би сакале да видат како процесот за пристапување во ЕУ се движи напред, без да ги вклучува билатералните прашања.

    „Би сакале да видиме билатералните прашања да се решаваат преку билатерални канали“, изјави Палмер.

    На прашањето дали цената за влез во ЕУ треба да биде бришење на историјата, Палмер одговори:

    „Цената за влез во ЕУ е јасна и образложена на околу 80 илјади страници со правила и регулативи. Тоа е процес базиран на стандарди. Сакаме да видиме Северна Македонија да продолжи со реформите кои отворија врата кон Европа. Како што реков, има билатерални проблеми, кои можат и треба да се решат преку билатерален пат. Пристапниот процес кон ЕУ треба да зависи од адресирање на неопходните реформи, кои ќе осигураат Северна Македонија да биде членка на ЕУ“, рече тој.

    Според него, за да може да се одржи европската кредибилност во државата, ЕУ треба да покаже оти прогресот во реформите ќе се отслика со отворање на пристапниот процес.

    „Во овој момент, следен чекор за Северна Македонија е одржување на Меѓувладината конференција, и тоа е нешто што Северна Македонија јасно го заслужила преку реформи“, вели Палмер.

    Тој се надева дека ќе се постигне договор првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи за време германското претседателство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира