Стручно тело ќе управува со Охридското Езеро, а експертите ќе носат одлуки и во делот на понатамошното искористување на ресурсите за производство на електрична енергија. Планот за управување на сливот на Охридското Езеро, документ важен за иднината на заштитата на Езерото, предвидува вклучување на научната јавност која ќе одлучува во кој период од годината Езерото ќе може да се употребува за акумулација и во колкави количини.
„Најголемата грешка е што се дозволи Охридското Езеро да се користи како акумулација за производство на електрична енергија. Имаме контрола на нивото на Езерото од организација која произведува електрична енергија. Со новите планови, кои се во фаза на разработка, овој момент треба да се промени. Треба да се утврди кога можат да се вршат вакви осцилации, но не под минималната кота, односно во кој период од годината Езерото може да биде употребено за производство на електрична енергија во рамките на дозволените количини за тоа“, вели Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот институт во Охрид.
За примена на ваквиот модел за управување со Охридското Езеро, билатералниот договор помеѓу Македонија и Албанија треба да претрпи измена за да може во иднина успешно и складно да се управува со нивото на Езерото.
Лошата хидролошка состојба, посебно недостатокот на врнежи од снег, моментално ја влоши ситуацијата со нивото на водата. Експертите велат дека штетите врз живиот свет од честите осцилации на нивото на Охридското Езеро изминативе години се непроценливи. Еколозите сметаат дека неконтролирано се испушта вода за потребите на хидроцентралите, додека од ЕЛЕМ тврдат дека нивото е намалено поради долгиот сушен период.
С. ВРЕНЦОВСКА