Германскиот министер за Европа Михаел Рот кажа дека нема потреба од план Б за Северна Македонија, бидејќи, како што вели тој, не е прашање дали, туку кога ќе биде прифатена преговарачката рамка, откако на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ Бугарија опстана на блокадата. Рот вели дека неусвојувањето на преговарачката рамка е и лично разочарување за него и потврди дека само една земја членка не се согласила.
„Нема потреба од план Б за Северна Македонија, прашањето е само кога, и сигурен сум дека ќе се надмине ова. Ова за мене е и лично разочарување, како и за самата канцеларка. Ние сме посветени, но не бевме доволно успешни, почувствував огромна поддршка од другите земји членки, а португалското претседателство рече дека ќе се заложи. Можете да сметате на поддршката на сојузната влада на Германија дека ќе продолжи да притиска“, кажа Рот, во изјавата пренесена од државната агенција МИА.
Тој е уверен дека преговарачката рама за Северна Македонија ќе биде усвоена за време на португалското претседателство со ЕУ, во наредните шест месеци.
„Европската Комисија предложи преговарачка рамка, прашањето е кога, а не дали таа ќе биде усвоена. Би сакал да испратам малку оптимизам, само една земја не се согласи за преговарачката рамка, а таа рамка мора да биде прифатена од сите земји членки на ЕУ и од Северна Македонија. Прилично сум сигурен дека нашите партнери во Скопје нема да се обесхрабрат“, рече Рот.
Германскиот министер повтори дека е многу разочаран што на денешниот состанок не бил постигнат договор за преговарачката рамка и додаде дека станува збор за горчлив удар за политика на ЕУ кон Западен Балкан.
Бугарија бара нејзините барања да бидат вметнати во преговарачката рамка за Северна Македонија, но, како што кажа Рот пред денешниот состанок, останатите 26 земји членки на ЕУ не се согласуваат.
Пред денешниот состанок, Рот во изјава за „РНД.де“ кажа дека Бугарија сама си прави штета со ваквото однесување.
„Ако не си го одржиме зборот сега, ќе ги засилиме популистичките и националистичките сили во регионот. Тоа ќе има последици и по безбедноста и стабилноста на Бугарија. Секое понатамошно двоумење ќе биде толкувано како слабост на ЕУ“, вели Рот.