Предлозите на Бугарија за вклучување во Преговарачката рамка за Република Северна Македонија се засновани на јасни преседани, но за жал не беа ставени на дневен ред за дискусија од актуелното претседателство, се вели во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи, во одговорот на соопштението на македонската влада по бугарското вето на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Во оваа фаза, велат од бугарското МНР, проектот на Преговарачката рамка не ги содржи гаранциите кои што нашата страна ги смета за потребни за да даде поддршка за нејзино одобрување и додаваат дека Бугарија ќе продолжи со конструктивните напори и за време на следното претседателство на Советот на ЕУ. Актуелен претседавач со Советот на ЕУ е Германија, додека од 1 јануари ќе претседава Португалија.
„Со позицијата изразена во вторник во рамките на состанокот на Советот по општи прашања, Република Бугарија повторно кажа зошто во оваа фаза не може да даде согласнот за одобрување на Рамката за преговори за Република Северна Македонија со ЕУ и одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на 2020 година. Бугарската позиција произлегува целосно од Рамковната позиција донесена уште на 9 октомври 2019 година, поддржана од Народното собрание на Република Бугарија, каде што се наведени барањата со кои што нашата држава ја обврзува понатамошната поддршка за интеграција на Република Северна Македонија кон ЕУ“, се вели во соопштението.
Понатаму, од бугарското МНР велат дека „време е владата на Република Северна Македонија да се откаже од манипулативната теза дека Бугарија го оспорува правото на самоопределување и идентитет на граѓаните на Република Северна Македонија или правото да си го нарекуваат јазикот како што сакаат“, и додаваат:
„Бугарија е државата која што прва во светот ја призна независноста на Република Македонија, со што стартуваше процесот на меѓународно признавање на тогашната млада држава, а низ години ѝ помагаше во најтешките моменти. Таа помош продолжува и понатаму“.