22-годишната трудница, која вчера почина во болницата „8 Септември“ позитивна на коронавирус, двапати доаѓала на Гинеколошката клиника (ГАК) на 22 ноември, но одбивала да биде хоспитализирана, кажа денеска директорката ГАК Викторија Јовановска. Кога дошла третпат, утрото на 23 ноември, вели Јовановска, плодот бил мртов, таа била префрлена во шок соба и наредниот ден со царски рез ја породиле. Направен и бил направен ПЦР-тест, кој покажал дека е позитивна и на 26 ноември била префрлена во „8 Септември“.
„Не сакала да остане зашто требало да биде хоспитализирана во делот каде што се ковид-позитивните пациенти, а таа имаше негативен тест. Меѓутоа, лабораторијата и клиничката слика укажуваа на тоа дека таа е ковид-позитивна. Сите пациенти што се со симптоми ги третираме како суспектни и ги ставаме во делот на ковид, но не со ковид-позитивните, туку со суспектните пациенти. И покрај тоа, пациентката одбила хоспитализација и кога дојде на 23-ти утрото веќе била со мртов плод и со многу влошена лабораторија“, изјави Јовановска на денешната прес-конференција.
Директорката на ГАК додаде дека починатата пациентка не одела редовно на контроли, а и дијабетесот, зависен од инсулин, не ѝ бил регулиран.
Министерството за здравство претходно соопшти дека починатата бремената 22-годишна девојка имала дијабет и проблеми со тироидната жлезда.