ВЛАДАТА ОДОБРИ 217.000 ЕВРА ЗА ПОРАНЕШНИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО СЈО, АКО СЕ ОТКАЖАТ ОД ТУЖБИТЕ ПРОТИВ ДРЖАВАТА И ОД КАМАТИТЕ ЗА НЕИСПЛАТЕНИТЕ ПЛАТИ

    ВЛАДАТА ОДОБРИ 217.000 ЕВРА ЗА ПОРАНЕШНИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО СЈО, АКО СЕ ОТКАЖАТ ОД ТУЖБИТЕ ПРОТИВ ДРЖАВАТА И ОД КАМАТИТЕ ЗА НЕИСПЛАТЕНИТЕ ПЛАТИВонсудската спогодба со поранешните вработени во СЈО ќе оди преку Јавното обвинителство. (Фото:СДК.МК)

    Откако Уставниот суд ја поништи владината уредба со која требаше да им се исплатат заостанатите плати на поранешните службеници во СЈО, на Владата денеска определила средства кои ќе им ги понуди како вонсудска спогодба, ако тие ги повлечат тужбите. Тоа ќе биде на доброволен основ. Оние кои ќе настојуваат по судски пат да си ги добијат, не само заработените пари, туку и каматата за нив, правобранителот ќе оди на суд и ќе ја застапува тужената држава.

    Спогодувањето ќе го понуди и ќе оди преку Државното обвинителство.

    „Владата донесе заклучок да му препорача на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во рок од 30 дена од усвојувањето на денешната информација и обезбедувањето на финансиските средства, на јавнообвинителските службеници и другите лица вработени во СЈО  да им понуди склучување на вонсудска спогодба со која јавнообвинителските службеници и другите лица вработени ќе се согласат дека со исплатите на плата и други надоместоци за месеците декември 2019, јануари, февруари и март 2020 година исплатени по присилен пат преку Управата за јавни приходи ги оствариле правата од работен однос за исплата на плати и други надоместоци за наведените месеци, а Обвинителството се согласува од неговата трезорска сметка, потпрограма 21, расходна ставка 464 – разни трансфери, да се изврши исплата на платата и други надоместоци според пресметката на УЈП во постапката за присилно извршување за месеците април, мај и заклучно со 30 јуни 2020 година“, соопшти Владата.

    Со склучувањето на вонсудската спогодба јавнообвинителскиот службеник и лицето вработено во СЈО се откажува од камати или било какви други надоместоци и трошоци во било каква постапка и се обврзуваат да ги повлечат тужбите по основ на плати, камати и други надоместоци.

    Владата го задолжи Министерството за финансии на буџетската сметка на Јавното обвинителство на Македонија да додели средства од 217.000 евра, заради исполнување на обврските по вонсудските спогодби за плати и други надоместоци. Ако во определениот рок не склучат вонсудските спогодби, за тоа да го известат Државниот правобранител на Македонија, заради преземање на соодветни правни средства и да го информира за висината на исплатените плати и на средствата уплатени по фондовите по основ на придонеси и даноци.

    Стручните службеници, истражители и техничкиот кадар во СЈО останаа лани ова време на улица на сè уште незгаснатото СЈО. Одеа на работа без греење, телефони и интернет и си ги бараа платите што им следуваа по закон, а немаше кој да ги потпише, поради тоа што лани во септември тогашната специјална обвинителка Катица Јанева беше притворена.

    Државниот обвинител Љубомир Јовески предупредуваше дека ако не се најде начин да им се исплатат платите, овие вработени ќе тужат и ќе добијат на суд, а државата ќе им враќа двојно. Со владина уредба во среде вонредна состојба беше донесена одлука да им се исплати долгот, но Уставниот суд ја поништи одлуката, со образложение дека нема врска ниту со вонредната состојба, ниту со пандемијата поради која беше прогласена вонредна состојба.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира