ЈАС НЕ СУМ КАДРОВИК, ПРАШАЈТЕ ЈА ВЛАДАТА ЗА НОВИОТ ДИРЕКТОР НА ЗАТВОРОТ ВО ШУТКА,  КАЖА СПАСОВСКИ ПО РЕАКЦИИТЕ ЗА НАЗНАЧУВАЊЕТО НА ФИЛИП АНДОВ

    ЈАС НЕ СУМ КАДРОВИК, ПРАШАЈТЕ ЈА ВЛАДАТА ЗА НОВИОТ ДИРЕКТОР НА ЗАТВОРОТ ВО ШУТКА,  КАЖА СПАСОВСКИ ПО РЕАКЦИИТЕ ЗА НАЗНАЧУВАЊЕТО НА ФИЛИП АНДОВХелсиншкиот комитет реагираше за назначувањето на Филип Андов, советник на премиерот Заев, кој претходно работел како менаџер на локални барови. - Оливер Спасовски (Фото: Фејсбук)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција на новинарско прашање кажа дека не е владин кадровик и за изборот на советникот на премиерот Зоран Заев, приватниот сопственик Филип Андов за нов директор на затворот во Шутка, треба да се праша кај Владата, која го назначила.

    Според Хелсиншкиот комитет, Андов, советник на Заев за Град Скопје, не ги исполнува условите за да биде назначен за директор на казнено-поправна установа, кои се строго пропишани со закон. Хелсиншкиот комитет за човекови права реагираше не само за Андов, туку и за  назначувањето на наставник за директор на воспитно-поправниот дом во Волковија. 

    „Владата на седница одржана на 15.12.2020 година го разреши в.д. директорот на казнено-поправната установа Скопје Есад Рахиќ, а за нов директор го назначи Филип Андов, советник на премиерот Заев, кој претходно работел како менаџер на локални барови. Во изминатиот период беше разрешен и директорот на Воспитно – поправниот дом Волковија на негово барање, а за нов директор беше назначен Даниел Антовски, кој претходно работел како наставник. Директорот на установата и неговиот заменик ги именува и разрешува Владата на Република Северна Македонија на предлог на директорот на Управата. Потребните услови кои треба да ги исполнува едно лице за да биде назначено за директор или заменик директор на казнено-поправна установа се таксативно набројани во Законот за извршување на санкциите, а како еден од дополнителните услови е лицето да има најмалку седум години работно искуство, од кои четири години во областа на извршувањето на санкциите или сродни работи”, реагираше Хелсиншки комитет.

    Оттаму прашуваат дали компетенциите на новоизбраните директори одговараат на висината на задачата, а тоа е раководење со една од најголемите казнено-поправни установи и со единствената воспитно-поправна установа во државата?

    „Лицата кои раководат со овие установи мора да имаат претходно искуство во областа на извршувањето на санкциите. Тие мора добро да ја разбираат проблематиката за да ја застапуваат установата, да се грижат за унапредување на правата на притворените и осудените лица, да одлучуваат за нивните погодности и обврски, за нивниот третман и работен ангажман со цел ресоцијализација и нивна понатамошна социјална интеграција во општествениот живот”, реагираше Хелсиншкиот комитет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира