Италија е последната европска земја која нареди национално затворање за претстојните празници, во обид да се скроти ширењето на коронавирусот.
Целата земја е прогласена за „црвена зона“, што значи дека сите ресторани, барови и несуштински продавници ќе бидат затворени, а Италијанците ќе смеат да патуваат само за работа и поради здравствени и итни случаи. На сила останува и полицискиот час од 20 до пет часот.
„Ова не беше лесна одлука. Нашите експерти беа сериозно загрижени дека за Божиќ ќе има голем пораст на бројот на заразени и затоа моравме да дејствуваме“, изјави премиерот Џузепе Конте, најавувајќи дека вакцинирањето ќе почне овој месец.
Италија повторно стана европска земја со најголема смртност од ковид-19, од кој досега починаа речиси 68.000 луѓе.
Новите мерки во Италија ќе бидат на сила од 24 до 27 декември, 31 декември-3 јануари, како и на 5/6 јануари. Во овие денови, ќе смеат да се примаат само двајца гости.