Холандските хирурзи велат дека лекуваат сè повеќе пациенти кои си ја повредуваат раката поради авокадо. Здружението на пластични хирурзи од Утрехт објави дека сè поголем број љубители на авокадо и гвакамоле завршуваат во болница по обидот да ја отстранат внатрешноста на авокадото, кога си ги пресекуваат прстите.
„Често пати гледаме како нервите на прстите се оштетени или дури исечени“, вели хирургот Анекатрин фан дер Кар, истакнувајќи дека во некои случаи има трајно оштетување на рацете.
Додека хирурзите од Холандија велат дека лекуваат неколку вакви пациенти неделно, во САД има неколку илјади случаи секоја година.
Според нова американска студија, меѓу 2013 и 2017 на 27.059 луѓе во САД им била потребна медицинска помош откако пробале да отворат авокадо, од кои 80,1% биле жени, што претставува речиси десеткратно зголемување во споредба со 2002. Британското здружение на пластични хирурзи повика овошјето да се продава со етикети за предупредување.
Постојат наменски режачи дизајнирани да помогнат во вадењето на семката, но готвачот Оливер Рудер вели дека таа може да се отстрани лесно и со употреба на обичен нож.
- Земете го авокадото во една рака и ножот во другата. Исечете го авокадото надолжно. Заријте го ножот доволно длабоко додека не почувствувате дека ја допрел семката. Завртете го ножот за цел круг.
- Со двете раце извртувајте ги двете половини од авокадото во спротивни насоки, така што тие ќе се одделат една од друга.
- Земете една половина во една рака, а ножот во другата рака. Удрете ја семката со работ на ножот, па направете мал засек околу семката.
„Најлесен начин е месото од авокадото да го извадите со лажица. но тоа успева само кај целосно созреани авокада”, вели Рудер.