Повеќе од 40 држави досега ги суспендираа летовите или патничките врски со Велика Британија откако таму беше идентификуван нов сој на коронавирус. Иако експертите тврдат дека тој се шири многу побрзо од оригиналниот вирус, но засега нема докази и дека е посмртоносен, Светската здравствена организација вели дека мутациите се нормален дел од еволуцијата на секоја пандемија.
„Новиот сој не е надвор од контрола“, соопшти СЗО, демантирајќи ја претходната изјава на британскиот министер за здравство Мет Хенкок.
Европската Унија сѐ уште не се договорила каков ќе биде заедничкиот одговор на 27-те земји-членки на новата ситуација, додека Франција денеска ќе објави што би можело да ја замени 48-часовната забрана за влез на камиони и патници од Велика Британија.
Откако ден порано ги укина летовите, Германија денеска ја прошири забраната и на патничкиот превоз со воз, автобус и брод од Британија. Оваа мерка ќе биде на сила до 6 јануари.
Освен голем број европски земји, летовите од Велика Британија ги забранија и Канада, Иран, Индија, Аргентина и Чиле, додека Саудиска Арабија, Оман и Кувајт целосно ги затворија своите граници за странските патници.
Неколку случаи на коронавирус предизвикани од новиот сој се откриени во Данска, поради што Шведска им забрани на странците да влегуваат оттаму. Ова е првпат од почетокот на пандемијата Шведска да воведе ваква мерка кон еден свој сосед.
„Верувам дека во наредните денови ќе се открие дека новиот сој е веќе присутен во голем број земји“, изјави белгискиот виролог Марк фан Ранст.