Во септември би стартувал новиот концепт со интегрирани предмети во основното образование, и тоа со учениците од прво и од шесто одделение. Сукцесивно ќе се продолжува во останатите одделенија и би требало во период од 5 години целосно да се промени образовниот систем, вели министерката за образование и наука Мила Царовска.
„Несериозно ќе биде наеднаш да го смениме образовниот систем“, рече Царовска на денешнта презентација на нацрт-концепцијата во Владата заедно со работната група, додавајќи дека од денес почнува јавната расправа за концептот, ќе се слушнат мислења од сите засегнати страни со цел да се дојде до најдоброто решение за сите.
За реакциите од стручната јавност за тоа кој ќе биде вклучен во подготвувањето на концептот, Царовска кажа дека сите може да се пријават на јавниот конкурс.
Царовска вели дека учењето нема да биде врзано само со еден извор и ќе може да се користат различни извори за учење. Таа повторува дека со новата концепција наставниците ќе продолжат да си ги предаваат предметите за коишто и претходно држеле настава и дека ниту еден наставник нема да ја изгуби работата.
„Со интегрираните предмети се спојуваат темите, и во исто време, наставниците по биологија, хемија и физика ќе предаваат една тема. На пример, кога ќе се учи за екологија и животна средина. На биологија ќе се учи за влијание на човекот врз природата и одржлив развој, на хемија за загадување, а на физика за обновливи извори на енергија. Се разбира дека ќе бидат потребни нови учебници. Нам и сега ни требаат нови учебници, а не пак со нов концепт на образование. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието. Во буџетот на државата има пари за нови учебници. Наставните материјали ќе ги изработуваат најискусните наставници и најискуснитепрофесори. Обемот на содржините во секој наставен предмет – што, и во која мера ќе се учи, ќе го утврди тимот за изработка на наставни програми“, вели Царовска.
Меѓу новините кои се воведуваат е задолжителен престој на учениците во училиште и тоа 5 саати од прво до петто одделение (3-3,5 саати во настава) и 6 саати од шесто до деветто одделение (4-4,5 саати во настава). Шест саати ќе биде задолжителен престој на наставниците во училиште.
Ќе има девет задолжителни предмети, а новина е дека ќе бираат меѓу втор странски јазик и албански јазик. Со новата концепција, иако бројот на часови за уметничко образование е намален во споредба со фонд на часови за музичко и ликовно образование, министерката вели дека преку слободните изборни предмети учениците кои покажуваат афинитет и талент за уметностите имаат можност да се определат и изберат модул од уметностите во текот на сите одделенија на основното образование.
„Изборните предмети се поделени во 4 категории, како на пример за математичко/логичко резонирање, сексуално образование, јога, пилатес, готвење, градинарство, фотографија. Сега родителите плаќаат приватни часови за тие активности. Со новиот концепт, такви активности децата ќе имаат во училиштата“, рече професорката Виолета Петровска-Бешка.
Б. НЕСТОРОСКА