На осум локации во центарот на Куманово сметот ќе се собира во подземни контејнери. Нивното поставување започна денеска, а ќе трае во текот на наредниот месец. Општина Куманово за таа немена потроши околу 6 милиони денари (сто илјади евра), а контејнерите се од финско производство.
„Ова е најсовремен начин на депонирање на комуналниот отпад. На седум локации ќе бидат поставени по два вакви контејнери, а на една локација само еден. Еден контејнер има капацитет од 5 кубни метри отпад и практично заменува 6 обични контејнери“, рече градоначалнкот Максим Димитриевски.
Придобивките од овие контејнери ќе биде тоа што возилата на ЈП „Чистота и зеленило“ ќе собираат поголема количина на смет за пократок период, со што ќе се намали интензитетот на возилата низ градот, кои често го попречуваат сообраќајот. Покрај практичниот, многу подобар ќе биде и естетскиот ефект од новите контејнери. Сметот ќе биде затворен и нема да биде мета на животни, ниту на граѓани кои собираат стари работи, па сето ѓубре го исфрлаат на улица.
С. НИКОЛИЌ