Македонскиот документарец „Медена земја“ кој во февруари имаше историски две номинации за Оскар, се најде на листата на филмови на годината во Австралија, објави весникот „Ејџ“ (The Age). Филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е во друштво со „1917“ на Сем Мендес кој имаше десет номинации, а освои три, како и со еден од фаворитите за Оскарите вгодина, „Номадленд“ на кинеско-американската режисерка Клое Жао.
„Можеби е изненадувачки фактот што документарен филм за пчеларство во Северна Македонија може да биде еден од најомилените филмови за оваа година, но овој ненаметлив портрет на средновечната Атиџе, нејзината стара мајка и номадското земјоделско семејство кое се населува до нив, е прикажан како епска приказна за борбата, претставена во извонредна минијатура. Режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска поминале три години со Атиџе, достоинствена и привлечна личност која знае каде живеат дивите пчели и го зема само толку колку што ѝ е потребно. Нејзинивиот нов сосед, Хусеин, сака да ѝ ја одземе земјата, тој не е негативец, но има семејство кое треба да го прехрани. Нивната комшиска кавга станува борба за самата Земја“, стои во рецензијата.
Весникот наведува дека листата е направена од петмина критичари од „Хералд“ и „Ејџ“и покрај тоа што оваа година беше тешка како за сѐ друго, така и за филмската индустрија.
„Со оглед на тоа дека ништо не беше нормално во 2020, затоа и во нашиот избор има 11 филмови наредени по азбучен ред“, пишува весникот.
„Медена земја“ влезе во историјата на македонската и светската кинематографија со двете номинации за најдобар документарец и најдобар странски филм, но Оскарите во овие две категории во февруари годинава ги добија „Американска фабрика“ на Стивен Богнар и Џулија Рајнхард и „Паразит“ на јужнокорејскиот режисер Бонг Јон-хо.
Б. НЕСТОРОСКА