Најмалку шестмина загинати и десетици повредени, е засега билансот од денешниот разорен земјотрес од 6,2 степена во Петриња, Хрватска. Според последните информации, меѓу загинатите се 13-годишно девојче во Петриња, и 20-годишно момче, дедо од една и татко и син од друга куќа во Мајски Полјани кај Глина, а неофицијално тука има уште еден загинат. Куќата во која загинаа таткото и синот е целосно срамнета со земја. Едно лице се бори за живот.
„Како да е Хирошима, ми го нема пола град“, рече градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ, а градоначалничката на Глина рче дека нема куќа која останала цела.
Дваесетмина од повредените се пренесени в болница во Сисак, а двајца се во потешка состојба. Потрагата по евентуални други жртви е во тек, а уште траат и проценките на материјалната штета како и на бројот на повредени.
По главниот потрес околу 12.20 часот, во следните десетина минути во Петриња имаше уште 4 помали потреси. Улиците во Петриња, гратче на 45 километри југоисточно од Загреб, се полни со урнатини, оштетен е голем број објекти.
Македонската Влада ќе испрати 100.000 евра помош за Хрватска, а засега нема информации за повредени македонски државјани, додека Министерствата за надворешни работи при двете земји се во постојана комуникација.