Британка која гледаше како мајка ѝ умира од ковид-19 во болничкиот кревет веднаш до нејзиниот упати апел до луѓето да ги почитуваат мерките и препораките.
Седумдесет и шестгодишната Марија Рико ја тргнала маската за кислород за да зборува со своите две ќерки за последен пат, иако знаела дека тоа ќе ја забрза нејзината смрт. Анабел Шарма го опиша моментот како срцепарателен, но додаде дека ѝ е мило што мајка ѝ барем не починала сама. Таа ја објави нивната последна заедничка фотографија за да ја крене свеста за вирусот.
„Мајка ми почина половина час откако побара да ѝ биде тргната маската за кислород. Таа беше свесна дека тоа ќе биде нејзиниот крај и дека потоа нема да има уште многу време. Имавме само пет минути за разговор, по што таа ја изгуби свеста. Таа ни кажа дека не ѝ е страв од умирање, дека е подготвена. Ми кажа да се борам силно зашто ме чекаат деца дома“, изјави Шарма.
Нејзината сестра Сузана исто така добила дозвола да присуствува, при што носела заштитна опрема.
„Ја држевме за рака до нејзиниот последен здив. Единствената утеха ми е дека можевме да бидеме покрај неа во тие моменти“, додаде Сузан.