Норвешките власти изјавија дека веќе немаат надежи дека ќе пронајдат преживеани во свлечиштето што збриша куќи во едно село на 30 декември. Потврдено е дека загинале седум луѓе, а три лица уште се водат како исчезнати.
Во природната катастрофа се уништени најмалку девет згради со повеќе од 30 станови во селото Аск, 25 километри североисточно од Осло. Ова е најтешката несреќа од ваков вид во поновата историја на земјата.
„Со големо жалење мора да соопштиме дека веќе немаме надежи дека ќе пронајдеме живи луѓе. Направивме сѐ што беше во нашата моќ. Тие што загинаа починаа релативно брзо. Спасувачките екипи ќе ја продолжат потрагата по преостанатите тела“, изјави шефицата на локалната полиција Ида Мелбо Ејстесе.
Таа се огласи неколку часа откако мало куче беше пронајдено живо во урнатините, што за кратко ги зголеми надежите кај спасувачите, кои работат на смрзнувачки температури. Тие кажаа дека кучето е во добра состојба.
Најмалку 1.000 луѓе се евакуирани од областа во која се случи несреќата, при што некои згради сега буквално висат на работ од длабока провалија.