Нуркачи на индонезиската морнарица ги лоцирале остатоците на „боинг 737-500“ во Јаванско Море, ден откако патнички авион со 62 луѓе исчезна четири минути по полетувањето од Џакарта.
Остатоците се пронајдени на длабочина од 23 метри, а претходно од водата биле извадени делови од тело и парчиња облека. Нема назнаки дека некој ја преживеал несреќата. Во авионот имало 50 патници, вклучувајќи десет деца и 12 членови на екипажот.
„Добивме известувања на нуркачкиот тим дека видливоста во водата е добра и јасна, што овозможи да се пронајдат делови од авионот. Сигурни сме дека тоа е точката каде што авионот паднал“, соопшти морнарицата.
26 години стариот авион на локалниот авиопревозник „Сривиџаја ер“ исчезнал од радарот откако за една минута изгубил висина од 3.000 метри. Тој претходно не испратил сигнал за тревога, па засега е нејасно што е причината за несреќата.
Сведоци кажаа дека виделе и слушнале најмалку една експлозија.
„Слушнавме како нешто експлодираше, по што видовме големо прскање на водата. Врнеше многу и времето беше лошо“, изјави еден рибар.