Екипи се на терен и секојдневно ги чистат шахтите и сливниците, велат од ЈП „Водовод и канализација“ во Скопје по врнежите од дожд деновиве. Од таму велат дека засега немаат поголеми проблеми со затнати шахти и поплавени улици, но сепак апелираат граѓаните да не фрлаат што ќе се стасаат во канализацијата.
„Деновиве немавме обилни и нагли дождови како што е случај во лето, па немавме проблеми. Секојдневно се чистат сливниците и шахтите особено на критичните точки како подвозници и клучките. Но сепак, постојано имаме проблем со затнување на мрежата со цврст отпад кој го фрлаат граѓаните. Наоѓаме јамболии, столици, казанчиња, облека. Апелираме граѓаните да внимаваат што фрлаат бидејќи тоа што го одложуваат на крајот пак се враќа во нивните домови“, велат од ЈП „Водовод и канализација“.
Од претпријатието велат дека голем проблем им создаваат и влажните марамчиња и пелени кои граѓаните постојано ги фрлаат, а не се разградливи и притоа доаѓа до запушување на мрежата.
А. АНТЕВСКА