Екипи и градежна механизација од јавните претпријатија на Град Скопје од вчера почнаа со расчистување на кејот во делот кај мостот на кој требаше да има панорамско тркало. Овој дел од кејот во строгиот центар на градот е затворен од 2014 година, кога во рамките на пректот „Скопје 2014“ тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ почна со изградба на мостот. Изминативе 7 години пешаците и велосипедистите не можеа да минуваат низ кејот од двете страни бидејќи беше заграден со тараби, затрупан со градежни матријали и механизација.
Од Град Скопје велат дека откако завршиле со доградбата на мостот, на кој сега нема панорамско тркало ниту барокни елементи, почнале со расчистување на кејот и очекуваат до крајот на месецот да биде прооден. Откако ќе биде расчистен ќе биде и уреден, а оштетените делови санирани.
„Досега се подигнати 27 кубни метри градежен матријал. Дополнително, се корнат гранки, треви и грмушки со кои се обраснати делови од кејот, се кастрат дрвјата, се уредува зеленилото и се чисти ѓубрето“, велат од Град Скопје.
Мостот на кој што според проектот требаше да стои панорамско тркало почна да се гради во 2014. Град Скопје тогаш проектот го предаде на ЈСП „Скопје“, а пари покрај од буџетот на Градот се обезбедуваа и преку донации од Агенцијата за електронски комуникации. Според договорот со ГП „Бетон“, изградбата требаше да чини 18 милиони евра.
Откако на градоначалничката функција дојде Петре Шилегов најпрво градежните работи беа стопирани, а во април 2018 беше соопштено дека е одлучено мостот од проектот „Скопје 2014“ да не се урива, туку да се догради без панорамското тркало и да биде пешачки премин. Град Скопје и изведувачот ГП „Бетон“ постигнаа договор мостот да се догради по пониска цена од онаа во првичниот договор, односно наместо 7 милиони евра, Градот да доплати 3,1 милиони евра. Претходно, на изведувачот му беа исплатени 10 милиони евра. Беше променет и дел од проектот за изгледот, па наместо барокни елементи беше поставена ограда преку која може да се гледа Камен мост.
А. АНТЕВСКА.