Доналд Трамп ја отфрли одговорноста за неодамнешните настани во Вашингтон и кажа дека неговиот говор кој претходеше на упадот во Конгресот бил целосно соодветен. Тој се огласи додека Претставничкиот дом се обидува да го убеди потпретседателот Мајк Пенс да го активира 25. амандман од уставот, што би довело до негово разрешување на осум дена до истекувањето на мандатот.
Доколку Демократите не успеат во ова, тие ќе покренат нова, експресна постапка на отповикување на Трамп, кого го обвинија за поттикнување насилство и побуна. Трамп ги опиша овие обиди како смешни.
„Мислам дека постапката на импичмент претставува огромна опасност за нашата земја и може да предизвика огромен гнев. Јас не сакам насилство“, кажа Трамп, кој од петокот нема пристап до социјалните мрежи.
За време на својот говор на 6 јануари, Трамп ги повторуваше своите неосновани тврдења за изборни измами и ги повика присутните да тргнат кон Конгресот. Десетици луѓе се уапсени по нередите во Капитол, во кои починаа пет лица, од кои еден полицаец.