Сообраќајната полиција за две недели одзела над 25 возила на 90 дена, кои не биле регистрирани над 6 месеци, и покрај кампањата и предупредувањата на МВР дека на 26 декември стапија на сила ригорозни мерки за незаконските возачи. Тие со нерегистрирани коли, камиони, автобуси, миксерки за бетон, багери, не само што остануваат без возилата, туку плаќаат и високи казни од над 500 евра од случај.
Засилените контроли на сообраќајната полиција почнаа уште есента, а за полицијата изненадувачки е што неважечки сообраќајни дозволи наоѓа токму кај сопствениците на скапи автомобили, или кај механизација и камиони на големи и успешни фирми, кои со години не биле регистрирани и така како потенцијални убијци возат низ патиштата.
Неодамна полицијата фатила три големи камиони-миксери за бетон, сопственост на фирмата на поранешниот охридски советник од ДУИ Нефи Усеини, кои не биле регистрирани со месеци, години. Рекордот на фатените возила е камион со истечена регистрација пред 6 години, сопственост на друга фирма.
Од нив СВР Скопје фатило најмалку едно, СВР Тетово осум, СВР Струмица 10, СВР Штип пет нерегистрирани возила повеќе од 6 месеци, кои најнормално си биле возени во сообраќајот, од страна на возачите-сопственици.
Покрај овие, при контролите се фатени и многу возила, односно возачи со истечена регистрација помалку од 6 месеци. Во периодот од 31.12.2020 до 09.01.2021 година на територијата на целата држава санкционирани се 6.489 возачи кои не ги почитувале правилата и прописите од сообраќајот од кои:
– за нерегистрирани возила (измината важност на сообраќајната дозвола) 414,
– за возење без возачка дозвола 520.
За брзо возење, напишани се 835 казни за овие 10 дена.
С. К. ДЕЛЕВСКА