29-годишник од беровското село Будињарци измислил и лажел дека е киднапиран и од татка си изнудил 10.000 евра за да биде ослободен. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР), вчера лицето М. П. (29) е лишено од слобода, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „изнуда“.
Неговиот татко Д. П. (57) вчера околу 18 часот во надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово пријавил дека добил смс-порака од телефонот на неговиот син, со која се барало 10.000 евра за да биде пуштен. Според пријавеното, порака со слична содржина на апликацијата „месинџер“ добила и неговата снаа М. П.
„Во координација со Јавен обвинител и во соработка со полициски службеници од СВР Штип биле преземени мерки и активности, а на разговор биле повикани Љ. П., брат на пријавениот, и М. П., сопруга на пријавениот, чиј мобилен телефон со потврда бил привремено одземен. Малку подоцна, Д. П. пријавил дека откако ги оставил парите на наведената локација, М. П. се вратил дома, по што и тој бил повикан на разговор во просториите на ОВР Берово, при што го признал делото, а предметните парични средства биле пронајдени и вратени на неговиот татко“, се вели во соопштението на МВР.
По целосно комплетирање и документирање на настанот, до Основното јавно обвинителство Кочани ќе биде изготвен и доставен поднесок по чл.258 од Кривичниот законик – „изнуда“, вели МВР.