Вредниот мебел изработен пред 70 години од врвниот резбар Нестор Алексиев-Мирчевски, ќе остане во реновираниот објект на поранешното Матично во Скопје, кое сега ќе биде Младински центар. Мебелот кој е изработени од дрво од орев и со специфична резбра, со години беше заборавен и оставен да скапува во запуштениот објект во дворот на Општина Центар.
Откако САКАМДАКАЖАМ.МК при почетокот на градежните работи за реновирање на објектот во Младински центар алармираше за негрижата на надлежните, беше ветено дека тој ќе се реставрира и зачува. Дури, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов изјави дека договорил со архепискипот на МПЦ-ОА Г. Г. Стефан, мебелот да биде однесен во Собораниот храм, каде ќе се направи сала за склучување граѓански брак.
Но, градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека изминативе три месеци откако беше актуализирано прашањето за мебелот, никој не го побарал и затоа тој ќе остане каде што е.
„Во моментов, при крај се градежните работи за претворање на поранешно Матично во Младински центар. Се реставрира и мебелот и очекувам до крајот на месецов сè да биде готово. Мебелот ќе остане тука каде што бил со години, само во реновиран и соодветен објект. Секој кој што сака ќе може да се слика со него. Јас не знам за никакво негово преместување во Соборниот храм. Такво нешто никој не побарал ниту лично од мене, ниту доставил барање до Општината“, вели Богдановиќ.
Во Општина Центар во тек е анкетата на која граѓаните можат да дадат предлог име за новиот Младински центар.