ПОПЛАВА ОД ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА ГИ ЗАГРОЗУВА ЕЗЕРАТА И АКУМУЛАЦИИТЕ ВО БИТОЛСКО

    ПОПЛАВА ОД ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА ГИ ЗАГРОЗУВА ЕЗЕРАТА И АКУМУЛАЦИИТЕ ВО БИТОЛСКОВелушка Река се излеа при минатонеделните поплави и со себе донесе огромни количини пластичен отпад (Фото: СДК.МК)

    Илјадници пластични шишиња што жители на пелагониски села ги фрлаат по речните корита завршуваат во реките, а оттаму во езерата и акумулациите. Минатонеделните поплави во Битолско, кога се излеаја Велушка и Лажечка Река, ја покажаа негрижата за животната средина во 21 век. Со месеци наназад, смет, а најмногу пластични шишиња се фрлале во овие речни корита, а вегетацијата и дрвјата не се исчистени долго време. Откако надојде и се излеа водата, го разнесе сметот по нивите или во поголемите реки.

    „Денес имаме армија борци за здрава животна средина на социјални мрежи, а од друга страна, купишта ѓубре и тони пластични шишиња по речните корита. Пластиката не е прихрана за нивите и рибите. Жално е во населба на 13 километри од градот смет да има по речните корита“, рече Методија Димитровски, жител на селото Породин.

    Не се само шишиња. Мебел, ладилници, шпорети и што уште не е расфрлано по речните брегови, велат од „Битолско поле“.

    „Ние сме задолжени за каналската мрежа, ја чистиме навремено. Секаде каде што е потребно помагаме. Вадиме смет, шишиња, чистиме нон-стоп, но продолжува да се фрла. Во Елешка и Лажечка Река проблем се и дрвјата во коритото. За да нема поплави, мора да се исчистат“, рече Стојан Георгиевски, директор на „Битолско поле“.

    Пластичните шишиња претставуваат сериозен проблем за акумулациите, велат од јавното претпријатие „Стрежево“. Кога ќе надојдат реките, во еден ден можат да донесат илјадници шишиња, што вработените мора да ги отстранат за да ги заштитат водните ресурси.

    „Во повеќето потпелистерски села има несовесни лица кои фрлаат отпадоци и шишиња во реките, па кога ќе надојдат поголеми води, како што беше пред некој ден, големи количини од тие шишиња доаѓаат во акумулацијата. Некои ги прифаќаме на пристапниот влез, а некои кај браната. Во план ни е да направиме проект, со кој ќе можеме уште од старт кај реката Шемница, кај мостот, да ги прифатиме“, вели Менде Граматиковски, директор на ЈП „Стрежево“.

    Од јавното претпријатие „Комуналец“, задолжено за подигање комунален смет во Битола, велат дека мрежата постепено се шири и во околните села, согласно техничките и финансиските можности. Навиките за одлагање на сметот на диви депонии постепено се менуваат, иако на почетокот имале проблеми, зашто дел од населението не сакало да плаќа за услугите.

    „Во добар дел од селата има можност за селектирање на отпадот. Пристоен број села се покриени и со садови за селектиран отпад. Вршиме истовремено и едукација. Веќе се подобрува менталитетот“, вели Панде Богоевски, директор на „Комуналец“ од Битола.

    Во Битола и на територијата на државата нема фабрики за рециклирање пластика. Ваквиот отпад се подига, балира и продава на постапувач со отпад, кој го пласира во фабрики за рециклирање. По некои проценки, во Македонија на годишно ниво има 38.000 тони пластичен отпад.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира