Во продолжение на денешното судење за масовното незаконско прислушување, на вкрстените прашања кон обвинетиот Сашо Мијалков обвинителката Ленче Ристоска од него доби идентичен одговор како нејзиниот колега Трајче Пеливанов претходно од обвинетата Гордана Јанкулоска за уништувањето на опремата, т.е. дека тоа е одлука на членовите на комисијата во МВР.
„Имав информации дека било вршено ништење на опрема на Управата, во која спаѓаат и опремата за прислушување, откако компетентна комисија донела таква одлука врз основа на извештај кој самите членови го изготвиле“, кажа Мијалков.
Вие како директор точно сте знаеле што се уништува, тоа ми беше важно, рече обвинителката Ленче Ристоска и го праша Мијалков:
„Рековте обвинетата ексначалничка Надица Николиќ сте ја запознале кога изби аферата за прислушување во УБК. Точно ли е дека вие како директор имавте надлежност да ја назначите?“.
„Не можам да се сетам дали јас сум ја назначил или претходно таа била таму“, рече Мијалков.
„Ова се посериозни и поодговорни места. Сакате да кажете дека непозната личност за вас сте назначиле на такво место?“, продолжи Ристоска.
„Не, не е тоа така. Мене ми давале мислење за одредени луѓе“, одговори Мијалков.
Обвинителката Ристоска потоа кажа:
„Наведувате дека не сте имале ни наобразба, ни привилегија да давате наредба за прислушување. Но вие имавте пасворд кој како директор на УБК ви овозможуваше непосреден пристап до системите за следење“.
„Не, не е така. И покрај тоа што имав, не сум ја искористил. И да сакав да ја искористам, немав техничка можност“, одговори Мијалков.
„Рековте дека дел од следените сте биле и вие. Ако не беа уништени системите, ќе можеше ли сега да го докажевте тоа?“, продолжи Ристоска со вкрстените прашања.
„Не се согласувам со вас, можеше тоа да се утврди со споредба на цедеата на Ѕвонко Костовски. А дали ако опремата не била уништена ќе се докажеше, не знам, не ги знам техничките можности на опремата“, одговори Мијалков.
„Сакате да кажете дека овие цедеа што ги изготвувал Костовски се поверодостојни од податоците што се во опремата за прислушување?“, го потпраша обвинителката, на што Мијалков кажа дека не знае оти нема таква техничка наобразба.
На прашање на обвинителот Пеливанов дали прислушувањето било вршено со злоупотреба на системите за прислушување на УБК, Мијалков одговори:
„Тоа не е точно!“
„Рековте дека прислушувањето се вршело со друга опрема надвор од УБК?“, праша Пеливанов.
„Тоа не го реков. Реков дека постоела можност. На таа презентација на опремата за прислушување во 2014 тоа го видов со свои очи“, кажа Мијалков.
„Компанијата е ‘Реизон’? Набавивте подоцна таква опрема?“, беше прашан Мијалков.
„Не можам да се сетам дали тоа беше во мојот мандат или после тоа. Не беше набавена истата опрема, во целост, туку само една компонента, од финансиски причини“, рече Мијалков.
Повторно следуваше прашање од обвинителката Ристоска:
„Можам ли да заклучам дека како директор подразбирате одговорност за пропустите што се направени, а кои пропусти кои се случија во Управата, а имаат големи и далекусежни последици во општеството?“.
„Да, се согласувам. Но, она што го кажувате во обвинението не соодветствува со ова што го кажавте сега. Требаше според моето скромно познавање на правото да бидам обвинет за несовесно работење во службата. Да, директорот има одговорност за евентуален пропуст кој би се случил во работењето на Управата“, одговори Мијалков.
- ВОСКРЕСНАА ЖОЛТИТЕ КОМБИЊА НА ГРУЕВСКИ, МИЈАЛКОВ ТВРДИ ДЕКА НЕМА ДОКАЗИ ОТИ БОМБИТЕ СЕ ОД УБК
- ЈАНКУЛОСКА СЕ БРАНИ ДЕКА НЕ ЗНАЕЛА ШТО ПОТПИШУВА И ОДГОВОРНОСТА ЗА УНИШТУВАЊЕТО НА ОПРЕМАТА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ ЈА ПОСОЧИ КАЈ ЧЛЕНОВИТЕ НА КОМИСИЈАТА ВО МВР
Кога судијката Џенета Бегтовиќ сакаше да го заврши судењето, Ристоска побара на следното рочиште в петок да презентира уште еден, последен доказ од обвинителството, од дигиталната форензика во МВР.
Во овој предмет за злоупотреби на системите за прислушување во УБК, но и за нивно уништување откако почна СДСМ да ги објавува прислушуваните разговори, покрај Мијалков, Јанкулоска, Грујевски и Јакимовски, обвинети се и началничката Надица Николиќ, Никола Бошковски, како и уште 5 нелегални прислушувачи од УБК. Со пасошот на едниот од нив, на обвинетиот Владимир Варелов, неговиот тогашен шеф Горан Грујевски избега во Грција.
С. К. ДЕЛЕВСКА