Капелата се гради од 2015 година, а од минатиот февруари е предадена на раководење на ЈКП Тетово, но сè уште не работи поради технички пропусти во градбата. Главниот проблем е што комората каде треба да се чуваат телата на починатите додека не се изврши погребот, е целосно промашена. Направена е толку мала што во неа не може да се остави ниту една полица на која треба да се положи телото на починатиот. За оваа капела да почне да функционира треба да се извади постоечкиот фрижидер и да се постави нов, многу поголем.
„Проблемот што капелата сѐ уште не е пуштена во употреба е во фрижидерите односно во комората во која ќе се одложуваат телата на починатите. Таа не е соодветна. Просторот каде сега е комората треба целосно да биде обложен со плочки и влезната врата од комората треба целосно да биде наменета за влез во комората, а не вака како што е сега направена. Исто така тука треба да биде поставена и командната табла. Моторот кој се користи за разладување треба да биде поголем од постоечкиот а исто така треба да се набави и мебел за другите простории и персонал. Во оваа комора, според укажувањето на стручните лица, треба да има простор за 6 полици на кои ќе бидат положени телата на починатите но, сега во неа нема простор ниту за една полица“, вели Гоце Новевски, раководител на православните гробишта.
Зошто е поставен помал фрижидер наместо таков кој ќе одговара на прописите од ЈКП не знаат и вината ја префрлаат кон изведувачот на работите кој поставил неадекватна комора. Капелата, која се наоѓа веднаш до градските православни гробишта, со одлука на Советот на Општина Тетово, започна да се гради во октомври 2015 година. Градежните работи траеја повеќе од три години за конечно да бидат завршени во 2018 година. Потоа се чекаше 2 години за внатрешно да се опреми за во февруари 2020 година капелата да биде предадена на управување на ЈКП Тетово. Така помина цела година, а капелата сè уште не е ставена во функција, сега поради погрешно поставената комора. Од Општина Тетово соопштуваат станува збор за „ситни технички работи“ кои ќе биле отстранети најдоцна до април оваа година кога капелата ќе биде предадена во употреба.
„Пред да биде комплетно пуштена во употреба капелата направени се консултации со црковните служби во Општина Тетово и со советничките групи кои имаа неколку забелешки во врска со капелата.Сепак ова е еден капитален проект за граѓаните од православна вероисповед и секако треба да е комплетиран без било какви пропусти кои ќе се решат пред пуштање во употреба. Веднаш пристапивме кон регулирање на тие забелешки и очекуваме до април месец истата да биде целосно пуштена во употреба.Станува збор за ситни технички работи кои за да се отстранат сепак треба одредена документација која бара време но, како и да е април месец би бил терминот за нејзино пуштање во употреба“, соопштуваат од Службата за односи со јавноста на Општина Тетово.
З. АНДОНОВ