Основниот суд Скопје 1 соопшти дека „судии од Одделот на претходна постапка постапувајќи по двата предлози – предлогот за определување на мерка притвор против едно лице и предлогот за определување на мерки на претпазливост против три лица, на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела кои произлегуваат и се поврзани со незаконското следење на комуникациите (СЈО), поврзани со предметот во јавноста познат како „Трезор“, испратија покани до странките и лицата опфатени со предлозите и закажаа нивно сослушување кое ќе треба да се изврши во текот на денот“.
Судот вчера прво ги врати предлозите на СЈО за одредување мерки за претпазливост за четирите лица, кои СЈО ги сомничи дека го оштетиле буџетот за над 862.000 евра, бидејќи судиите на претходна постапка не можеле да го отворат документот доставен на УСБ. Како што соопштија од Судот, меморискиот стик на кој било барањето на СЈО, бил кодиран и поради тоа не можеле да пристапат до предлозите.
Потоа СЈО, доцна попладнето, пред завршување на работното време, истите предлози заедно со сите докази врз кои се засноваат предлозите ги достави до судот во фотокопија, информираа од Судот.