Поранешната новинарка и вработена во маркетинг секторот во Театар Комедија Нора Шаќири-Марковиќ е назначена за в. д. директорка на Театарот, откако министерката за култура Ирена Стефоска го разреши досегашниот директор Сашо Ристовски поради неправилности во работењето, соопшти Министерството за култура.
„По неправилностите утврдени од вонредниот инспекциски надзор од Министерството за култура, денеска е разрешен Сашо Ристовски од функцијата директор на Театар Комедија. При надзорот е утврдено дека директорот на театарот презел обврски над одобрените средства од Министерството за култура во вкупен износ од 8.734 486,оо денари без притоа истите да ги обезбеди од други извори. Со тоа е сторена повреда на чл.70 а, став 4 од Законот за култура. До изборот на нов директор, заради непречено фунционирање на оваа установа, за в. д. директор е назначена Нора Шаќири-Марковиќ, вработена во театарот“, вели министерката Стефоска.
Театар Комедија е основан во 2011, и е сместен во зградата на некогашниот Театар „Центар“. На Фејсбук страната на Комедија уште стои дека директорка е актерката Јелена Жугиќ.
Б. НЕСТОРОСКА