Јубилејното 50. издание на филмскиот фестивал во Ротердам, најголемата смотра на независниот, авторски филм на светот, почна синоќа онлајн, а планот е од 2-6 јуни да има и издание во киносалите. Го отвори трагикомедијата „Јавачи на правдата“ на данскиот оскаровец Андерс Томас Јансен, хит кој по кинопремиерата во ноември во Данска го урна рекордот на „Уште една тура“ на Томас Винтерберг.
„Јавачи на правдата“, каде исто така игра Мадс Микелсен, е за тројца чудаци, хакери со сериозни трауми од злоупотреби како деца, кои по железничка несреќа ќе ја земат правдата во свои раце заедно со професионален војник чија сопруга е жртва во несреќата и ќе ги бараат виновниците. Има извонреднa актерска екипа која со многу мерка и умешност ја води приказната на раб меѓу трагедија и комедија.
Во конкуренцијата за престижната награда Златен тигар, вредна и 40.000 евра, годинава се 16 дебија или втори фимови на авторите. Меѓу нив и „Во потрага по Венера“, дебито на косовската режисерка Норика Сефа во копродукција меѓу Косово и Македонија, чија премиера е на 5 февруари. Филмот на Сефа, која живее и работи во Прага, е за созревањето на тинејџерка во село во Косово и нејзината еманципација во строгата патријархална средина. Продуцент е „Сиркл филм“ на Бесник Крапи, а дизајнерот на звук Игор Поповски е продуцент од Македонија.
Во конкуренцијата за наградата Голем екран се 15 филмови, а победникот добива 30.000 евра за дистрибуција во Холандија.
Новата директорка на Ротердам Вања Калуѓерчиќ вели дека во најтешката година за филмската уметност, беше многу комплицирано да се склопи програма со оглед дека потојано се менуваа протоколите за ковид-19 и во Холандија и низ светот, но ротердамските селекции го потврдуваат овој фестивал како „платформа за откривање визии кои ја будат нашата љубопитност и ја обземаат нашата имагинација“.
Во популарната програма Големи разговори, ќе гостуваат неколку значајни современи филмски автори и уметници – актерот Мадс Микелсен, американската режисерка Кели Рајнхард која е и добитничка на наградата „Роби Милер“, францускиот автор Беноа Жако и актерката Шарлота Гејнсбург, грузиската режисерка Деа Кулумбегашвили, чиј филм „Почеток“ е еден од најголемите откритија на 2020, музичарот Николас Јар.
Иако нема физичка форма, фестивалот го слави јубилејот со инсталации поставени на 50 локации низ Ротердам, а онлајн се достапни и победниците на конкурсот за графички дизајн на постери за следните 50 години.
Исто така онлајн се одвива и филмскиот маркет Синемарт, како и другите професионални филмски форуми.
Ова онлајн издание завршува на 7 февруари.
М. КОСТОВА