6 РЕЖИСЕРИ ЛАУРЕАТИ НА ЗЛАТНА МЕЧКА ЌЕ БИДАТ ЖИРИ НА ГОДИНАШНОТО БЕРЛИНАЛЕ

    6 РЕЖИСЕРИ ЛАУРЕАТИ НА ЗЛАТНА МЕЧКА ЌЕ БИДАТ ЖИРИ НА ГОДИНАШНОТО БЕРЛИНАЛЕПинтиле, Лапид, Расулоф, Жбаниќ, Роси и Енједи ќе гледаат во живо филмови во Берлин. (Фото: Берлинале)

    Шестмина режисери на филмови наградени со Златна мечка ќе бидат членови на годинашното жири за Берлиналето, соопшти филмскиот фестивал. Поради пандемијата на ковид-19, Фестивалот годинава ќе се одржи во два формата, првиот од 1 до 5 март кога жирито ќе ги гледа филмовите, и од 9 до 20 јуни кога ќе биде свеченоста со доделувањето на наградите на најдобрите филмови и автори.

    За Официјалната програма, жирито, за кое не се планира да има претседател, ќе ги гледа филмовите во живо во кино во Берлин. Во жирито се: ланскиот лауреат Мохамад Расулоф за иранскиот филм „Не постои зло“, потоа: Надав Лапид, Адина Пинтиле, Илдико Енједи, Џанфранко Роси и Јасмила Жбаниќ, која во 2006 доби Златна мечка за „Грбавица“.

    Филмовите кои ќе се натпреваруваат и прикажуваат во сите програми ќе бидат објавени во периодот од 8 до 11 февруари.

    „Среќен сум и почестен дека шестмина филмаџии на кои им се восхитувам, ентузијастички ја прифатија нашата покана да учествуваат во ова уникатно издание. Тие не само што имаат различни пристапи во креирањето на филмови без компромиси и создавањето смели приказни, туку исто така се дел од историјата на Берлиналето. Во ова време, од големо значење е и голем знак на надеж дека лауреатите на Златната мечка ќе дојдат во Берлин и ќе гледаат филмови в кино. Со тоа ќе им дадат поддршка на колегите“, изјави уметничкиот директор Карло Катријан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира