АДМИНИСТРАЦИЈАТА ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ЌЕ ДОБИЕ НАГРАДА, НО НЕ ТОЛКАВА КАКО МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА КОИ 11 МЕСЕЦИ РАБОТАТ СО КОВИД-ПАЦИЕНТИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ КОСТОВ

    АДМИНИСТРАЦИЈАТА ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ЌЕ ДОБИЕ НАГРАДА, НО НЕ ТОЛКАВА КАКО МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА КОИ 11 МЕСЕЦИ РАБОТАТ СО КОВИД-ПАЦИЕНТИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ КОСТОВ„8 Септември“ од 15 март е главен ковид-центар во земјава и досега има реализирано над 16.000 прегледи и 3.000 хоспитализаци. (Фото: СДК.МК)

    Стотина вработени во администрацијата на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ кратко протестираа пред болницата како револт зошто и тие пред Нова година не добија еднократна парична награда од по 30.000 денари.

    Медицинскиот персонал во државата, лекари, медицински сестри, техничари, болничари, транспортери и сите останати кои се ангажирани во лекувањето на болните со ковид-19, пред Нова година добија еднократна парична помош од 30.000 денари. Според министерот за здравство Венко Филипче, ваква награда за нивната деноноќна работа во исклучително тешки услови на коронакриза добија 7. 600 медицински лица во државата.

    Директорот на болницата, д-р Кристијан Костов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека го разбира револтот кај административците и согласен е дека и тие треба да бидат наградени, но не во ист износ како медицинскиот пероснал кој 11 месеци работи со најтешките ковид пациенти.

    „Се согласувам дека вработениот на шалтер бил во контакт со ковид позитивни лица, но само со документи, не ги лекувале. не можете да го изедначите нивниот труд и ризик со позицијата на здравсвениот персонал. И имам отпор и реакции кај медицинскиот персонал кој изгина изминативе 11 месеци. Тие понекогаш и по 24 часа се во скафандери и на дежурства. Сестрите ми рекоа – ако им дадеш на нив по 30.000 денари, нека дојдат тие да ставаат инфузија на пациентите. Ќе најдам пари да им дадам награда, од донации, од познати фирми, еве замолив и во Министерството за здравство и во Фондот за здравство да ни дозволат да пренаменам некои ставки од буџетот. Но, тоа ќе биде по 10-15 илјади денари“, ни изјави директорот.

    Тој вели дека во болницата има 1.030 вработени, од кои 880 се медицински персонал и тие добија по 30 илјади денари.

    „Имам голема администрација, но јас не вработив никого, сите ги наследив“, додава директорот.

    „8 Септември“ од 15 март лани е главен ковид-центар во земјава и досега има реализирано над 16.000 прегледи и 3.000 хоспитализации. Болницата од почетокот на коронакризата, речиси цела година го носи најголемиот товар во згрижување и лекување на најтешките случаи со компликации од ковид-19 кои тука се препраќаат од другите клиники и болници.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира