Основецот Дамјан Давков од Штип го освои второто место во конкуренција на средношколци на Балканската математичка олимпијада во 2019 година, а на Државното првенство по математика беше прв, исто така во конкуренција со ученици од прва година средно образование. Тој сепак нема право на награда од државата.
Семејството на Дамјан реагира затоа што Министерството за образование и наука не води сметка за оние кои уште од мали нозе покажуваат квалитет и дури го елиминираат од добивањето пропишани награди само поради тоа што тој бил основец.
„Иронијата да биде поголема, наградата не ја доби ниту второпласираниот средношколец затоа што не бил прв, а првопласираниот поради тоа што бил основец, а не средношколец. Средствата остануваат во министерството, без да се води сметка за стимулација на талентирани млади луѓе“, вели семејството Давков.
Дамјан Давков, како што велат од неговото ОУ „Ванчо Прќе“ во Штип, е голем талент. Тој уште од четврто одделение учествува на натпревари по математика во конкуренција на ученици кои се и три години постари од него.
Роднини на талентираниот математичар велат дека немаат намера да поведат спор пред Управниот суд за да добие парична награда која изнесува 50 проценти од просечната плата, туку бараат државата повеќе да ги стимулира младите кои го докажуваат својот квалитет на официјални натпревари што самата ги организира. Тие додаваат дека во Законот за средно образование никаде не пишува дека ученикот мора да биде средно образование за да биде награден.
Т. ЈОВАНОВСКИ